Поврзување на заедниците: Младински центри во Северна Македонија

Објавено: 13.2.2026 Време за читање: 4 минути

Една земја, два града и илјадници млади луѓе што бараат сигурно место каде што може да се сретнат, разговараат и да ги развиваат своите вештини. Во Охрид и во Куманово соработуваме со младинските центри за да ги поддржиме младите во нивните напори. Овие центри овозможуваат едукација и места за дискусија за младите.

Поврзување на заедниците: Младински центри во Северна Македонија
© Foto: People in Need

Во Северна Македонија проблем е материјалниот отпад. Соработуваме со младинските центри преку проекција на документарни филмови и одржување дискусии на оваа тема со младите. Исто така, поддржуваме иницијативи за намалување на отпадот, креирани од нашите млади учесници.

Млади за млади

Охрид е познат град во Северна Македонија, главно, поради езерото и историскиот центар. Иако туризмот е значаен дел од животот на градот, младите во Охрид имаат потреба од место каде што може да се сретнат и да учат со своите врсници.

Охридскиот младински центар беше отворен во 2022 година, а тука се сретнавме со Јован, кој се сеќава кога почнаа да се залагаат за центарот.

„Досега немаше слично место каде што младите можеа да прават дополнителни активности надвор од училиштето. И таков простор беше потребен.“

Во минатото, сите воннаставни активности се одвиваа во училиштето, што често беше ограничувачко за младите, бидејќи некои претпочитаа своите проблеми да ги споделат со некој надвор од училиштето. Младинскиот центар е сигурно место каде што младите може да дојдат и да побараат поддршка, доколку е потребно. Охридскиот младински центар го води група млади луѓе како Јован. Тие ги разбираат и слушаат потребите на младите и активностите ги адаптираат според нивните преференции.

„Се фокусираме на учеството на младите, информациите, бизнисот, вработувањето, претприемаштвото, спортот, здравјето и безбедноста, културата и неформалните образовни активности. Исто така, организираме размена на млади и студиски посети во различни земји“, вели Јован.

Охридскиот младински центар организира разновиден спектар на активности, од јога, концерти, уметнички часови и соработки со други невладини организации. Исто така, тие поддржуваат саем за кариера каде што универзитетите, консултантите за кариера и професионалците им помагаат на младите луѓе да ги насочат своите идни кариери.

Како што споменува Јован, еден од најголемите предизвици во регионот е одливот на мозоци - имиграцијата на младите луѓе во главниот град Скопје или во странство. Со организирањето различни настани и активности, тие создаваат можности за младите и барем делумно го решаваат овој проблем.

„Не можеме да им кажеме на младите да останат тука. Но можеме да им понудиме можности и да им дозволиме да одлучат“, вели Јован.

Поврзување на заедниците

Младинскиот центар во Куманово, исто така, го води група млади луѓе. Покрај создавањето нови можности за младите, поттикот за основање младински центар произлезе од волјата да се обединат луѓето од македонска и албанска етничка припадност што живеат одделно.

„Наша цел беше да овозможиме младата генерација да не биде како постарата и да ги поттикнеме двете групи да разговараат и да работат заедно. И мислам дека сме многу успешни во тоа“, вели Димитриј, младински работник од младинскиот центар.

Албанската и македонската заедници во Куманово живеат во одделни населби, посетуваат различни училишта и често дури и немаат можност да се сретнат. Како што споменува Димитриј, благодарение на младинскиот центар првпат имаше можност да се сретне и да разговара со врсниците од ист град, но од различна заедница.

„Кога почнав да го посетувам центарот, запознав многу Албанци. Немав шанса да ги запознам во обичниот живот. Открив дека има луѓе како мене, исти сме, живееме во иста земја каде што имаме исти услови. Почнавме да работиме заедно и сега сме многу добри пријатели.“

Димитриј се вклучи во младинскиот центар пред три години, помага во управувањето со центарот и неговите активности. Младинскиот центар редовно организира креативни работилници, спортски турнири, часови за ИТ-вештини и психосоцијална поддршка. Центарот е безбедно место и за луѓето што се соочуваат со малтретирање, семејно насилство или алкохол и дрога во своите семејства.

Филмови и инспирација

Горди сме што соработуваме со младинските центри низ целата земја и ја воведуваме нашата методологија Еден свет во училиштата - One World in Schools (OWIS). Преку оваа методологија, работниците во младинските центри научија како да ги вклучат младите во дебати по прикажувањето на документарниот филм што го обезбедивме.

„Беа прикажани документарни филмови за намалување на отпадот, намалување на потрошувачката, користење и повторна употреба на отпадот и слични теми. Секако, ова вклучуваше дебати и дискусии меѓу младите за тоа како може да придонесат во своите заедници за намалување на проблемите поврзани со отпадот“, вели Сунчица Костовска-Петровска од People in Need.

Младите имаа можност да осмислат свои идеи и финансиски поддржавме осум нивни иницијативи. Идеите на младите беа многу креативни како, на пример, од создавање паметна канта за ѓубре до организирање настани и саеми за продажба на разни предмети, облека и редизајнирани производи.

„Пред сè, сакаме да поттикнеме меѓусебно разбирање за проблемите на младите и нивната активна и проактивна улога во намалувањето на отпадот и промовирањето на циркуларната економија“, вели Сунчица.
Проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“ е финансиран од Европската Унија. Проектот го води People in Need (PIN) во конзорциум со АРНО, ЛЕАД и Ековита.
Оваа публикација е финансирана од Европската Унија. Нејзината содржина е исклучиво одговорност на People in Need и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Author: People in Need

Поврзани членови