Чист воздух и сламки од пченица: прифаќање на циркуларната економија во Северна Македонија

Објавено: 24.8.2026 Време за читање: 3 минути

Во Северна Македонија, луѓето секојдневно се соочуваат со реалноста на сериозното загадување на воздухот. ЗИП Институтот, локална невладина организација, го прифати предизвикот да се бори против загадувањето на воздухот на два фронта: преку иновативно граѓанско учество во процесите на политичкото одлучување и преку практичен проект од областа на циркуларната економија, кој ги заменува штетните пластични производи за еднократна употреба со сламки од пченица.

Чист воздух и сламки од пченица: прифаќање на циркуларната економија во Северна Македонија
© Foto: PIN

Загадувањето на воздухот, предизвикано од големите индустриски загадувачи, термоцентралите на јаглен и енергетската сиромаштија кај населението, претставува огромен товар за Северна Македонија.

Во текот на студените зимски месеци, маргинализираните и семејствата со ниски приходи кои немаат пристап до централно греење ги загреваат своите домови индивидуално. 

Поради недостиг на средства, многумина согоруваат пластика, стар мебел и секаков отпад што можат да го најдат за да се стоплат. Тоа придонесува за создавање густ смог во станбените населби. Квалитетот на воздухот дополнително се влошува поради честите шумски пожари и пожарите на депониите во текот на летото и есента.

„Свеста кај населението е зголемена, главно затоа што луѓето го гледаат проблемот со свои очи. Некои денови буквално беше невозможно да се дише. На граѓаните им беше препорачано да не ги напуштаат домовите поради високото загадување на воздухот. Повеќе не може да се избегнува овој проблем. Мора да направиме нешто“, вели Ивана Симјаноска од ЗИП Институтот.

Унапредување на демократијата и борба за чист воздух

ЗИП Институтот е основан во 2012 година со цел унапредување на демократските процеси и руралниот развој во Северна Македонија. Во последните десет години, организацијата посветува значителен дел од својата работа на справување со енергетската сиромаштија, застапување за праведна енергетска транзиција, ублажување на климатските промени и заштита на животната средина.

На пример, ЗИП Институтот го организираше првото климатско собрание во Скопје. Овој иновативен модел на демократско учество собра 65 случајно избрани жители на Скопје, кои ги претставуваа различните слоеви на општеството, за да разговараат и да формулираат конкретни препораки за справување со критичното загадување на воздухот во градот.

Климатското собрание резултираше со сеопфатен сет препораки во областите на јавниот превоз, здравството и енергетиката. Граѓаните гласаа за зголемување на субвенциите за енергија, изолација на фасадите на јавните објекти, субвенции за електрични возила и построг надзор над големите индустриски загадувачи. Преку директно обраќање до поединечни општински советници, ЗИП Институтот успешно ја мобилизираше политичката волја, што доведе до тоа Советот на град Скопје едногласно да го поддржи нивниот извештај.

Сламки од пченица: прифаќање на циркуларната економија

Покрај системското застапување, со поддршка од Европската Унија ЗИП Институтот спроведува и практична и конкретна иницијатива: производство на 100% биоразградливи сламки за пиење од земјоделски отпад од пченица.

Остатоците од земјоделското производство — стебленцата од пченица — се набавуваат од локален партнер. Потоа се дезинфицираат и се печат во специјализирани печки со цел да се зацврстат сламките, без употреба на хемиски додатоци. ЗИП Институтот очекува производството да се зголеми на 2 до 3 милиони сламки месечно кога производствениот капацитет целосно ќе биде ставен во функција.

„Благодарение на поддршката поддршката на проектот финансиран од ЕУ обезбедена од ПИН, со која беше финансирана печката, производствениот процес може да започне со полн капацитет. Со локалното производство сакаме да ги намалиме производствените трошоци и на рестораните да им понудиме еколошки прифатлива алтернатива по достапна и фер цена,“ вели Ивана Симјаноска од ЗИП Институтот.

„People in Need (PIN) во Северна Македонија, во соработка со АРНО, ЛЕАД и Ековита, спроведува проект финансиран од Европската Унија, кој ја поддржува транзицијата на земјата кон циркуларна економија — премин од линеарна кон циркуларна, односно таканаречена „кружна“ економија, чија цел е намалување на количината на отпад, користење на отпадот како ресурс и промовирање на рециклирање, повторна употреба и понатамошно искористување на отпадот во економијата,“ вели Сунчица Костовска-Петровска од People in Need.
Проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“ е финансиран од Европската Унија. Проектот го води People in Need (PIN) во конзорциум со АРНО, ЛЕАД и Ековита.
Оваа публикација е финансирана од Европската Унија. Нејзината содржина е исклучиво одговорност на People in Need и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.
Author: People in Need

Поврзани членови