Храна која ќе порасне за еден месец: Циркуларна економија во Северна Македонија

Објавено: 27.9.2024 Време за читање: 5 минути
Храна која ќе порасне за еден месец: Циркуларна економија во Северна Македонија
© Foto: Eva Mrázková

Ековита е мала граѓанска невладина организација со седиште во Неготино, Северна Македонија. Организацијата е вклучена во многу еколошки активности, вклучувајќи промовирање на циркуларна економија во производството на печурки. Ние соработуваме со „Ековита" за да ги промовираме принципите на циркуларната економија, главно кај младите во Северна Македонија. Со поддршка од Европската Унија и други локални невладини организации, „Ековита" ќе воведе одржливи практики за одгледување храна во 10 земјоделски средни училишта низ целата земја.

Неготино е град кој се наоѓа во централниот дел на Северна Македонија. Позната е како област од која доаѓа едно од најдобрите македонски вина. Сепак, наскоро може да стане позната по уште една култура – печурки!

Се сретнав со Кристина Тодорова и претседателот на здружението Сашко Тодоров, во паркот пред нивната канцеларија. 

„Ековита е основана во 2003-та година како мала еколошка иницијатива. Од тогаш, ние ги прошируваме нашите активности. Покрај нашата работа за заштита на животната средина и одржливост, исто така започнавме со интересна иницијатива со производство на храна - одгледување на печурки", вели Кристина.

Како што се сеќава Кристина, уште од мала била страстна кон природата и земјоделството. Всушност, таа ги следеше стапките на своите родители, кои и двајцата се биолошки инженери. Кристина за прв пат почнала да ги одгледува печурките кога имала само шест години. Таа е дипломиран земјоделски инженер и сега е целосно посветена како координатор на проекти во Ековита.

„Започнав да учам земјоделство за да помогнам во семејниот бизнис. Би рекла дека нашата организација е единствена во нашата земја, бидејќи произведуваме видови на печурки кои не можете да ги најдете никаде во Северна Македонија, а тоа се медицинските печурки. Одгледуваме буковка, шиитаке, кралска буковка, реиши, лавовска брада, маитаке и чуркина опашка", вели Кристина.

Ековита е уникатна не само поради разновидноста на видовите печурки што ги произведува, туку и поради тоа што е еколошки чиста. Тие ги користат елементите на циркуларна економија, особено кога се подготвува субстратот.

Ние не создаваме воопшто отпад!

Ако сакаме да одгледуваме печурки, прво треба да се подготовува супстратот. За него користиме органски отпад како што се слама, прачки од лоза. Субстратот треба да се пастеризира, а потоа го ставаме во вреќички од 4 килограми".

Откако субстратот ќе се олади, Кристина го додава мицелиумот што го одгледува и го подготвува во својата лабораторија. Обично, не пушта никого внатре бидејќи сака да го спречи пренесувањето на бактерии во нејзината лабораторија, што може да го оштети растот на мицелиумот. Меѓутоа, овој пат таа направи исклучок. Ја гледав како прави мицелиум, во стерилни услови, додека Кристина носеше лабораториска облека и користеше микроскоп и пинцети.

Откако ќе се стави мицелиумот во субстратот, следува фаза на инкубација кога побелува целата кеса, на првите печурки им треба еден до два месеци да пораснат. „Најбрзорастечката печурка е печурката Буковка. Расте за еден месец. На други видови им требаат и до два месеци", објаснува Кристина. 

„Печурките растат во три турнуси. После завршувањето на циклусот на одгледувањето, не го фрламе супстратот, туку го даваме на калифорниските црви за да не создадеме отпад. Тие го преработуваат во хумус, кој се враќа на нивите", додава Кристина.

Ековита произведува повеќе иновативни производи од печурки, како што се тестенини од печурки и маџун со печурки, но исто така подготвува комплети подготвени за одгледување на повеќе видови на печурки и ги учи младите како да одгледуваат сопствени печурки во услови на криза. 

„Ековита влезе во социјалното претприемиштво со цел да ги обучуваме лицата од ранлива категорија и ги учиме како да ја одгледуваат својата здрава храна. И бидејќи печурките растат брзо, тие можат да ја имаат храната за само неколку месеци", вели Кристина, објаснувајќи како се здружиле со локална организација која им помага на самохрани родители и им обезбедува обука.

Заедно со Кристина, посетивме еден од луѓето кои одгледуваат печурки од подготвените комплети. Кесите полни со субстрат и мицелиум беа закачени во темен и влажен подрум. Иако не беше есен, кога условите би биле најдобри за растење на печурките, веќе можевме да видиме неколку од нив како си го пробиваат патот низ кесата.

Со „Ековита" и други невладини организации во Северна Македонија ќе работиме за да продолжиме да им ја нудиме оваа можност на семејствата. Со финансиска поддршка од Европската Унија, ќе ги промовираме практиките на циркуларна економија кај младите. „Ековита“ ќе го претстави својот проект за одгледување печурки во различни училишта низ целата земја и ќе им помогне на младите луѓе да научат како да ја одгледуваат својата храна одржливо. 

Контрола на квалитетот на воздухот, одржливо готвење, гледање на ѕвездите и дебатирање!

Сепак, одгледувањето печурки е само дел од сите активности на „Ековита“. Нивната главна грижа е заштитата на животната средина. Затоа, тие го мерат квалитетот на воздухот во нивниот град и околните села со помош на мерните станици и биоиндикатори - лишаи.

„Квалитетот на воздухот е добар ако најдете лишаи на дрвото. За жал, ова не е случај во нашиот град", вели Кристина.


Ековита напорно работи за да ја подобри својата околина. Тие исто така придонесуваат за развој на локалните иницијативи и вклучување на луѓето од Неготино. На пример, Кристина се сеќава како купиле соларни печки и заедно со други локални жители готвеле вкусна храна, зготвена на соларна енергија или ноќта кога се собрале на ридот во паркот и ги гледале ѕвездите преку телескопи со локалните деца.

Локалните луѓе сакаат да го посетуваат нивното место! Кога сакав да се збогувам со семејството на Кристина (и нивните два кучиња), пристигна група млади луѓе за нивниот попладневен дебатен клуб, каде што учат како да комуницираат и да ги изразат своите мислења под надзор на наставник. Ми беше мило да останам малку подолго со младите луѓе и семејството на Кристина и да го вкусам нивниот специјалитет на здружението - буковка на сонце.

Autor: Eva Mrázková

Поврзани членови